Како што пренесува весникот Спорт, Барселона сериозно ја разгледува можноста да го ангажира Ајмерик Лапорт, во наредните денови ќе бидат отворени преговори со искусниот стопер.
„Каталонците“ ова лето сакаат да донесат засилување за централниот дел од дефанзивата, по можност левак, и на почетокот од летово се поврзуваа со трансфер на Алесандро Бастони од Интер.
Но високата цена на Италијанецот ја принуди Барселона да се насочи кон други цели, а последните информации на Спорт велат дека Жоан Лапорта и Деко сериозно ја разгледуваат можноста да го ангажираат Ајмерик Лапорт.
Според информациите, спортскиот директор имал неформална средба со таборот на шпанскиот репрезентативец во САД, и било договорено разговорите да продолжат по завршувањето на Светското првенство.
Одличните настапи на Ајмерк Лапорт на мундијало го убедиле раководството на „каталонците“ дека тој ќе биде одлично засилување. Заедно со Пау Кубарси беше столб на шпанската дефанзива, која прими само еден гол на патот до трофејот.
Во Барса особено го ценат неговото искуство, левата нога, способноста за организација на играта од последната линија и лидерските квалитети. Дополнителен плус е што неговата откупна клаузула е помала од 15 милиони евра.
ФОТО: X/Selección Española Masculina de Fútbol