Бразилецот вчера
во вечерните часови пристигна во Барселона да го комплетира трансферот на Камп
Ноу откако „Каталонците“ и Ливерпул конечно си подадоа рака за зделка од 160
милиони евра.
Според денешното
издание на „Мундо Депортиво“, оваа недела во последен момент пристигнала и
понуда од Реал Мадрид.
Извори блиски до
играчот за МД велат дека еден од агентите на Филипе Кутињо добил предлог од
„Кралевите“ и ветување дека тие ќе искешираат 200 милиони евра доколку
Бразилецот ја откачи Барса и прифати преселба на Сантијаго Бернабеу.
Од таборот на Филипе
Кутињо не знаеле дали ваквиот маневар на Реал Мадрид бил искрен или пак шампионот
на Шпанија и Европа само се обидел да ја дестабилизира целата зделка на Барса и
да го натера лутиот ривал да плати повеќе од планираното.
Во секој случај,
Филипе Кутињо го одбил спектакуларниот предлог бидејќи на ум имал само трансфер
на Камп Ноу. За ова сонувал уште минатото лето, а колку бил одлучен во намерата
говори и фактот дека издвоил средства од свој џеб за да исчезнат разликите
помеѓу Барселона и Ливерпул.