Реал Мадрид во летниот преоден рок ќе се засили со голман, шпанските медиуми уште отсега почнуваат да ја загреваат атмосферата за трансфер пазарот и ги набројуваат опциите кои ги посакува кралскиот клуб.
Прва желба останува Давид де Геа, Реал Мадрид ја студира можноста како да го донесе голманот на Манчестер јунајтед но се чини дека со доаѓањето на Жозе Мурињо на Олд Трафорд уште потешко е да дојде до неговиот потпис. Марка пишува дека Реал Мадрид ќе направи обид да го купи Де Геа, но доколку не успее, ќе се насочи кон другите опции.
Следен на листата е Тибо Куртоа. Голманот на Челси не беше среќен во Лондон под водство на Жозе Мурињо, но работите се променија со доаѓањето на Антонио Конте. Челси нема да сака да се откаже од Куртоа, но на крајот желбата на белгискиот голман може да биде пресудна за негов евентуален трансфер во Реал Мадрид.
Најреална мета од Премиерлигата може да биде Хуго Лорис, но тој за Реал Мадрид е трета опција, по него би тргнале доколку не можат да дојдат до услугите на Давид де Геа или Тибо Куртоа. Сепак и Тотенхем не е клуб кој лесно продава играчи, особено оние кои ги смета за клучни.
Како четврта опција за Реал Мадрид се споменува младиот голман на Милан, Џиџи Дунарума кој се уште нема потпишано нов договор со росоњерите. Неговиот агент, Мино Раиола се обидува да издејствува што е можно побогат договор со Милан, а интерес од Реал Мадрид добро ќе му дојде во преговорите. Доколку Милан не успее да ги задоволи барањата на Донарума, лесно би можело да се случи тој да биде иден голманна Реал Мадрид.