Во Пелистер продолжуваат со засилувањата во пресрет на новата сезона. Откако претходно беше потврдено враќањето на Мартин Мирчевски, битолскиот клуб денеска објави дека во своите редови повторно ги ангажирал уште тројца поранешни фудбалери.
Повторно зелено-белиот дрес ќе го носат Петар Љамчевски, Симеон Христов и Јорданчо Наумоски, играчи кои во минатото оставија значаен белег во Пелистер.
Во клубот веруваат дека нивното искуство и познавањето на средината ќе бидат важен адут во остварувањето на главната цел – експресно враќање во Првата македонска фудбалска лига.
Да потсетиме, по испаѓањето од елитното друштво, Пелистер направи промени во раководната структура, а за нов тренер беше назначен Борче Христов.