Партизан жестоко реагираше по поразот од Црвена ѕвезда (1-2) во 180. „вечно дерби“, обвинувајќи ја судиската екипа дека со своите одлуки влијаела врз конечниот исход на натпреварот.
„Црно-белите“ преку официјално соопштение изразија сериозно незадоволство од арбитражата, а критиките директно ги насочија кон главниот судија Ненад Минаковиќ, неговиот помошник Никола Боровиќ и ВАР-судијата Момчило Марковиќ.
Од Партизан побараа споменатите арбитри во иднина да не бидат дел од натпреварите на клубот, а поради, како што велат, нарушената доверба во домашната судиска организација, предложија најголемите натпревари во српскиот фудбал да ги судат странски судии.
Во својата реакција, белградскиот клуб ги анализираше спорните ситуации од дербито на стадионот „Рајко Митиќ“. Посебно внимание посветија на пеналот што беше досуден за Црвена ѕвезда по интервенција од ВАР-собата.
Од Партизан сметаат дека видео-снимките не покажуваат доволен контакт за да биде досудена најстрога казна и ја оспоруваат исправноста на одлуката.
„Црно-белите“ имаат забелешки и за целокупниот судиски критериум, особено поради, како што наведуваат, несанкционирањето на неколку остри стартови. Како пример го издвојуваат стартот со две нозе врз нивен фудбалер, по кој играчот се повредил, а ситуацијата, според клубот, останала без соодветна санкција и без реакција од ВАР-системот.
Партизан смета дека ваквата арбитража дополнително ја нарушува довербата во регуларноста на натпреварувањето и затоа јавно го повтори барањето најважните натпревари во Србија да им бидат доверени на странски судиски екипи.
„Партизан бара најголемите натпревари во Србија да ги судат странски судии. Тоа е практика која постои и во сериозните европски лиги кога повеќе не постои доверба во домашната судиска организација. Она што го видовме на теренот во вечното дерби претставува потсмев со регуларноста на српскиот фудбал“, порачаа од клубот.