Јулијан Нагелсман се наметнува како главен кандидат за наследник на Мајкл Керик на клупата на Манчестер јунајтед. Според информациите на новинарот Бен Џејкобс, раководството на англискиот гигант веќе ја испитало подготвеноста на германскиот стратег да го преземе тимот од „Олд Трафорд“.
Позицијата на Керик сериозно се разниша по убедливиот пораз од Комо со 4-1 во Лигата на шампионите. Тоа беше уште еден неуспех во низата разочарувачки резултати во кои Јунајтед веќе седум натпревари по ред не знае за победа во сите натпреварувања.
Дополнителен удар за тренерот претставуваше и јавната критика од капитенот Бруно Фернандеш, кој го доведе во прашање тактичкиот пристап на Керик по дебаклот од италијанскиот тим.
Британските медиуми дополнително ги засилија шпекулациите за неговата иднина, објавувајќи дека Керик утрово не пристигнал во тренинг-центарот „Карингтон“ во 7:30 часот, како што вообичаено прави. Сепак, според извори на „talkSPORT“, се очекува тој да го предводи Манчестер јунајтед на неделниот дуел против Борнмут на „Олд Трафорд“.
Според Бен Џејкобс, Нагелсман има поддржувачи во раководството на Манчестер јунајтед, а фактот што моментално е без ангажман го прави уште поинтересна опција за клубот. Германскиот стратег, кој претходно го предводеше Баерн Минхен, летово ја напушти селекторската функција во германската репрезентација и сега е достапен за нов предизвик.
Интересно е што Нагелсман беше меѓу главните кандидати за тренерската позиција и пред Манчестер јунајтед во мај да го назначи Керик за постојан шеф на стручниот штаб.
Тогаш преговорите не напредуваа, бидејќи германскиот стратег сè уште беше на чело на националниот тим. Во меѓувреме, Керик како привремено решение остави одличен впечаток, што му помогна да ја добие довербата на раководството.
Michael Carrick under pressure with Julian Nagelsmann one of the leading contenders. Piece from last night with @alex_crook for @talkSPORT.✍️ https://t.co/3CQyLVRwN6
— Ben Jacobs (@JacobsBen) October 22, 2026