Прв кикс на Манчестер јунајтед под водство на Оле Гунар Солскјер, „ѓаволите“ вечерва на Олд Трафорд ремизираа против Барнли.
Гостите беа на прагот на големо изненадување откако Барнс на стартот од второто полувреме ги донесе во водство од 0-1 а потоа Вуд во 81. минута реализираше за предност од два гола.
Но Погба од пенал во 87. минута најави драматичен финиш а Линделоф во втората минута од судиското надополнување погоди за 2-2.
Њукасл му направи голема услуга на Ливерпул откако со пресврт во вториот дел го совлада Манчестер Сити. „Граѓаните“ поведоа уште во првата минута со голот на Агуеро, но во продолжението од мечот капитулираа два пати.
Најпрво Рондон изедначи на 1-1 во 66. минута за Ричи од пенал во 80. минута да го шокира шампионот, кој изгуби важни бодови во битката за титулата.
На останатите денешни мечеви, Арсенал со 2-1 го совлада Кардиф, Фулам направи голем пресврт против Брајтон и откако губеше со 0-2 на полувреме, на крајот се радуваше на триумф од 4-2. Вулверхемптон беше убедлив против Вест Хем со 3-0 а Евертон забележа минимална победа од 0-1 на гостувањето кај Хадерсфилд.