Легендарниот Арсен Венгер даде свое видување за вчерашното „Ел Класико“, смета дека Реал Мадрид бил супериорен и го пофали Чаби Алонсо за начинот на кој ги поставил работите.
Пресметките помеѓу Реал Мадрид и Барселона веројатно се најгледаните фудбалски натпревари во светот, а лутите ривали и вчера приредија спектакл со многу возбуда и тензија.
„Кралевите“ сега славеа со 2-1 и ставија крај на црната низа откако „каталонците“ минатата сезона ги добија сите четири „Ел Класико“ натпревари.
„Ова „Ел Класико“ беше натпревар помеѓу мажи и деца. Одбраната на Реал Мадрид беше многу посилна од онаа на Барселона. Во нападот, Реал Мадрид изгледаше способен да постигне гол, додека пак Барселона изгледаше неефикасна. Го имаа поседот на топката, но ништо не можеа да направат со тоа, не беа опасни по голот“ – вели легендарниот Арсен Венгер.
„Мислам дека во одбрана се чувствува отсуството на Ињиго Мартинез, кој беше еден од најискусните во таборот на Барселона. Денеска, кога за противеник го имаат Килијан Мбапе, до израз доаѓа немањето на искуство и зрелозт во последната линија“.
Поранешниот тренер на Арсенал потоа додаде: „Чаби Алонсо одлично го балансираше тимот денеска, мора да му се честита за тоа“.