Смртта на легендарниот Франко Барези го зави Милан во црно, а фудбалскиот свет се простува од еден од најголемите дефанзивци во историјата. Поранешниот капитен на „росонерите“ почина на 66-годишна возраст.
На „чизмата“ се потсетија на неговото последно големо интервју, дадено за „Газета дело Спорт“ во февруари 2025 година, денес добива уште посилна тежина. Барези без двоумење призна дека Милан бил неговиот живот. Тој откри дека клубот му помогнал да ги преброди најтешките моменти во животот, откако како тинејџер останал без двајцата родители.
„Се сеќавам дека бев навивач на Милан уште како десетгодишник. Кога на 14 години првпат дојдов во Миланело, имав чувство дека влегувам во рај. Милан беше мојот спас. Ги загубив мајка ми и татко ми додека бев тинејџер. Клубот ме прифати и му даде смисла на мојот живот“, изјави Барези.
Легендарниот капитен нагласи дека никогаш сериозно не размислувал да го напушти „Сан Сиро“, иако низ годините постоеле бројни понуди. По завршувањето на кариерата остана дел од клубот и преку Фондацијата Милан учествуваше во бројни хуманитарни проекти, за кои велеше дека го направиле подобар човек. Барези со голема почит зборуваше и за луѓето кои оставиле најголем белег во неговата кариера.
„Како играч никогаш не помислив да си заминам. Останувањето во Милан беше мој животен избор. Во Кенија и Мароко го запознав вистинското сиромаштво, а во Либан играв фудбал на улица со деца. Тоа беа искуства што ме обликуваа како човек. Силвио Берлускони ми беше како татко и ми ги оствари соништата. Повлекувањето на дресот со бројот шест беше нешто огромно. Џани Ривера беше мојот прв капитен и човек кој многу ме заштитуваше кога бев млад.“
На крајот од интервјуто беше запрашан како би сакал да остане запаметен.
„Тоа ќе го покаже времето. Се трудев секогаш да бидам искрен човек и да имам храброст, онака како што заслужуваа Милан и неговите навивачи. На крајот, Милан беше моето второ семејство“, беа последните зборови на Франко Барези во неговото последно големо интервју во 2025 година.