Дуелот меѓу Вардар и Воска беше меч меѓу двете последни екипи на табелата, црвено-црните со победа имаа шанси да го напуштат дното, но тоа не само што не се случи, туку по овој пораз разликата кон останатите стана поголема.
Воска рано го отвори резултатот, поведе уште во четвртата минута со гол на Марушиќ, но Вардар брзо се врати, десет минути подоцна го изедначи резултатот со погодок на Папули.
На 15 минути до крајот Јашаровски постигна гол за ново водство на Воска које значеше и победа за нив од 2-1.
Пред натпреварот со Струга, Брера немаше победа на девет натпревари по ред во домашното првенство. Таквата негативна серија е прекината денеска кога во Струмица го совладаа актуелниот шампион со 2-1.
Брера поведе уште во осмата минута со гол на Рибаудо, во самиот финиш од првото полувреме зголеми Јанкулов на 2-0.
Незири во 78. минута постигна гол за Струга и донесе надеж дека може да се избегне пораз, но тоа не се случи, Брера го задржа водството и на крајот се радуваше на прва победа по речиси три месеци.
Гостивар со прекрасен гол на Атиемвен од далечина ја совлада Брегалница со 1-0. По овој пораз штипскиот тим падна на претпоследната позиција на табелата.
Шкендија со 1-0 го победи Тиквеш во мечот кој почна подоцна од останатите. Поради проблеми со автобусот, фудбалерите на кавадаречкиот тим пристигнаа подоцна во Тетово, па натпреварот доцнеше 25 минути.
Домаќините ги освоија планираните три бода, но не беа убедливи, еден гол го реши победникот. Клучниот момент се случи во 15. минута кога по едно нафрлување од корнер, Бруно Дита се снајде најдобро во мешаницата и реализираше за водство на Шкендија од 1-0 кое подоцна се покажа и како доволно за победа.
Резултати:
Вардар – Воска 1-2
Брера – Струга 2-1
Шкендија – Тиквеш 1-0
Гостивар – Брегалница 1-0
Утре
Македонија ЃП – Работнички
Силекс – Шкупи
Табела: Шкупи 28 (-1), Шкендија 28, Струга 27, Силекс 20 (1-), Брера 19, Гостивар 18, Тиквеш 16, Воска 16, Работнички 16 (-1), Македонија ЃП 15 (-1), Брегалница 14, Вардар 11
Обложувај се онлајн на Моцарт, 100% бонус на прва уплата до 400 евра, регистрирај се на овој ЛИНК.