Поранешниот англиски фудбалер Џеј Емануел-Томас, кој своевремено го носеше дресот на Арсенал, призна вина во голем случај поврзан со шверц на канабис, кој беше откриен на аеродромот „Станстед“ во Лондон. Според информациите на британските медиуми, вредноста на запленетата дрога изнесува над 800.000 американски долари.
Емануел-Томас беше уапсен уште минатата година, во времето кога настапуваше за шкотскиот клуб Гринох Мортон, кој веднаш по апсењето ја прекина соработката со него. На рочиштето кое се одржа на 7 мај, поранешниот напаѓач конечно ја призна вината, иако претходно одбиваше да се изјасни.
Случајот го води Националната агенција за криминал на Велика Британија, која го фати фудбалерот на дело во септември 2025 година, кога на аеродромот биле пронајдени два куфера со вкупно 60 килограми канабис, кој пристигнал од Тајланд.
Заедно со него беа приведени и Роузи Роуланд и Јасмин Пјотровска, но против нив обвиненијата беа отфрлени, бидејќи судот не најде доволно докази за нивна вмешаност во случајот.
Емануел-Томас ќе остане во притвор додека трае судскиот процес, а конечната пресуда се очекува во наредните месеци.
Фото: Abererden FC/X