Тренерот на Шкендија, Артим Положани, верува дека неговите момци на крајот можат да излезат како победници од дуелот против Хибернијан.
Малку фалеше Шкендија да се врати непоразена од Шкотска, примија гол во 90. минута и доживеаа пораз од 2-1.
„Со тоа што го покажаа двете екипи на теренот, мислам дека нерешен резултат ќе беше најправеден. Но начинот на кој го примивме голот, по прекин во самиот финиш, навистина нè разочара бидејќи можеше да се избегне. Сепак, останува реваншот и сигурно ќе се обидеме да го дадеме максимумот во Скопје“, изјави Положани.
„Во првото полувреме имавме проблеми во одбранбената фаза, бидејќи Зејнулаи не играше на својата природна позиција, но се жртвуваше за тимот. Во второто полувреме тоа го подобривме и со малку поголемо внимание можевме да останеме непоразени“, додаде стратегот на тетовци.
Положани смета дека топлото време може да биде на страната на Шкендија.
„Во моето искуство шкотските екипи знаеле да имаат проблеми со временските услови, но најважно е ние да ја завршиме нашата работа и да ги исполниме задачите. Ќе направиме сè за да се квалификуваме, а тоа би било фантастично за играчите, клубот и стручниот штаб“, порача Положани.
Реваншот меѓу Шкендија и Хибернијан се игра во четврток од 20 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.