Пелистер со новиот тренер ќе се обиде да го освои Кратово

by riste
1 минути читање

Битолскиот тим е во серија од шест меча без победа во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), денеска ќе има тешка задача да ја прекине таа низа бидејќи гостува кај Силекс во Кратово.

Пелистер имаше низа од пет порази по ред пред да одигра реми против Шкендија. Во меѓувреме беше елиминиран од купот по пораз од второлигашот Шкендија Арачиново, тоа беше и официјално деби на новиот тренер Милан Стојановски кој денеска за прват ќе го води тимот во лигашки меч.

„Му гостуваме на Силекс, а во некои други времиња ова ќе беше дерби на колото. Сепак, резултатската криза остави последици и лошиот период го позиционираше тимот во борба за опстанок. Противникот не е лесен, но ние мораме да освојуваме бодови. Гледаме дека нештата се менуваат во лигата, екипите кои имаа лош старт сега приредуваат изненадувања. Никогаш нема да биде лесно, противниците исто така се подобруваат, менуваат тренери, но ние мора да ја гледаме нашата страна”, вели Стојановски во пресрет на гостувањето во Кратово.

Тренерот на Силекс, Александар Васоски вели дека ако одиграат како што планираат ќе го победат Пелистер.

„За нас ништо не значи што Пелистер е во криза бидејќи ние секогаш ја гледаме нашата игра, трендот засега е позитивен, имавме три незгодни порази меѓутоа последните два натпревари ги победивме, па мислам ако одиграме како што треба и ако се концентрирани ќе го победиме Пелистер“, вели Васоски.

Натпреварот меѓу Силекс и Пелистер се игра од 13:30 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×