Фудбалскиот клуб Пелистер го објави формирањето на ЖФК Пелистер кој ќе почне да се натпреварува веќе од оваа сезона во Првата женска македонска лига.
Соопштението на Пелистер ви го пренесуваме во целост:
„Фудбалскиот клуб Пелистер со особено задоволство ја информира јавноста дека официјално започнува со работа Женскиот фудбалски клуб Пелистер – Битола.
Со формирањето на ЖФК Пелистер, клубот отвора ново поглавје во својата историја и го проширува своето семејство со цел да придонесе кон развојот и афирмацијата на женскиот фудбал во Битола и Македонија.
ЖФК Пелистер ќе работи на развој на фудбалерки во повеќе возрасни категории, создавајќи услови за правилен спортски развој, напредок и афирмација на младите таленти. Воедно, особено значајно е што клубот уште од своето формирање ќе има и сениорска екипа, која ќе се натпреварува во Првата женска фудбалска лига на Македонија.
ФК Пелистер останува посветен на развојот на фудбалот во Битола, а формирањето на ЖФК Пелистер претставува уште еден важен чекор во градењето на силен, организиран и современ клуб, кој ќе создава можности за сите генерации и ќе придонесува за развојот на спортот во нашиот град“, стои во соопштението.