Во пресрет на натпреварот против Босна и Херцеговина, атмосферата во швајцарската репрезентација не е на посакуваното ниво. Тамошните медиуми пишуваат за несогласувања меѓу капитенот Гранит Џака и дел од помладите фудбалери во составот.
По неочекуваното реми против Катар, Џака јавно порача дека во тимот недостасуваат дисциплина и почитување на тактичките задачи, истакнувајќи дека некои играчи премногу се обидуваат индивидуално да решаваат ситуации на теренот. Иако не посочи конкретни имиња, швајцарските медиуми тврдат дека неговите критики биле насочени кон Миро Мухајм, Ардон Јашари и Јохан Манзамби, тројца резервисти кои не се покажале во најдобро светло по влегувањето во игра против Катар.
Според весникот „Блик“, дел од репрезентативците не биле задоволни од остриот настап на капитенот и сметаат дека неговите коментари создаваат негативна атмосфера во соблекувалната.
Сепак, Фабијан Ридер ги намали тензиите, нагласувајќи дека во репрезентацијата постои отворена комуникација и дека ваквите разговори се дел од нормалниот процес во тимот.