Фудбалската репрезентација на Курасао стана вистинска светска сензација откако за првпат во својата историја обезбеди пласман на Светското првенство.
Оваа карипска држава со околу 150.000 жители за кратко време го привлече вниманието на глобалната фудбалска јавност, а значаен придонес во нејзината популарност имаат и социјалните мрежи.
Од техничкиот спонзор „Адидас“ соопштија дека сите произведени дресови на националниот тим се целосно распродадени, а особено интерес предизвикала резервната гарнитура во пастелно жолта нијанса, која исто така повеќе не е достапна.
Љубителите на фудбалската опрема истакнуваат дека дизајнот потсетува на ретро стилот од светските првенства во 80-тите години на минатиот век.
Курасао на претстојниот Мундијал ќе настапи во групата „Е“, каде ќе се соочи со селекциите на Германија, Брегот на Слоновата Коска и Еквадор.