Порто одново е на прагот
да заработи голема сума на пари благодарејќи на добрите потези на трансфер
пазарот. Во август минатата година тие го купија дефанзивецот Едер Милитао за
само 4 милиони евра, а сега ќе го продадат за дури 50 милиони евра, колку што
изнесува неговата откупна клаузула.
Бразилецот
прикажува импресивни партии по преселбата во Европа, па го привлече вниманието
на голем број клубови. Реал Мадрид реагираше најбрзо и најконкретно и се
очекува двата клуба во скоро време да си подадат рака.
Според УОЛ
Еспорте, последна пречка е кој од Порто и Реал Мадрид да го искешира Сао Пауло.
„Триколорите“ имаат клаузула која им гарантира 10% од следниот трансфер, а им
следуваат и средства како дел од солидарните исплати според правилата на ФИФА
(околу 3%).
По правило Порто
треба да го покрие овој трошок, односно од добиените 50 милиони евра да ги
подмири долговите кон Сао Пауло, но според УОЛ Еспорте, клубот од „Драгао“ бара
Реал Мадрид да го искешира Сао Пауло и да му исплати 6,5 милиони евра.
„Кралевите“
веројатно ќе го сторат ова бидејќи доколку не побрзаат, ќе треба да платат
многу повеќе, откупната клаузула на Едер Милитао ќе порасне на 75 милиони евра
по јуни месец.
Ова не е прв пат
алчноста на клубовите од Португалија да излезе на виделина. Кога Бенфика го
продаваше Виктор Линделоф на Манчестер јунајтед, „орлите“ одбија да ги подмират
обврските кон малиот клуб од Шведска, Вастерас.
Кога го купиле
дефанзивецот за само 60.000 евра, тие се обврзале дека ќе им исплатат
дополнителни 250.000 евра кога тој ќе забележи 10 настапи, како и одреден
процент од следната продажба. Но Бенфика одби да го стори ова со образложение
дека играчот ставил потпис на нов договор па клаузулите повеќе не важат.
Вастерас беше
приморан да се пожали до ФИФА, па Бенфика ја свитка опашката и се сложи да
исплати околу 5 милиони евра.