Јужна Кореја денеска во 14 часот го почнува настапот на Светското првенство во Русија, противник им е селекцијата на Шведска.
Селекторот Шин Тае Јонг призна дека се служел со финти во текот на подготовките за Светското првенство. Имено само напаѓачот на Тотенхем, Сон Хеунг мин и капитенот на репрезентацијата Кин Сунг јуенг ги носеле своите вообичаени броеви на пријателските натпревари против Боливија и Сенегал.
„Луѓето од западот не ги разликуваат моите играчи, за нив сите ние сме исти, па почнав да ги ротирам броевите за да ги збунам „шпиуните“ од другите репрезентации. Кога дојдовме во Русија, слушнавме дека Швеѓаните ќе пратат свои „шпиуни“ па истата пракса од пријателските натпревари ја продолжив и на тренинзите“, изјави селекторот на Јужна Кореја.
„Не гледам ништо спорно во тоа што го направивме. Не ги осудувам оние кои сакаа скришно да ги следат нашите тренинзи, мислам дека сосема нормално е да сакаш да дојдеш до што повеќе информации за противникот“.
Швеѓаните го снимале дури и затворениот тренинг за јавноста на Јужна Кореја. Откако излезе оваа изјава на селекторот, Швеѓаните се извинија, но не баш убедливо.
„Нашиот „снимател“ не знаел дека станува збор за затворен тренинг за јавноста. Не сфатил дека не треба да го гледа, па продолжил да го гледа од далеку. Жал ни е што така испадна“, изјави селекторот на Шведска, Јане Андерсон.