По разочарувачкиот старт на сезоната и сè погласните критики за играта, Жозе Мурињо ја искористил репрезентативната пауза за да ги анализира проблемите и да пронајде решение со кое Реал Мадрид повторно ќе биде конкурентен на сите фронтови.
„Кралевите“ заминаа на пауза по поразот од градскиот ривал Атлетико Мадрид со 2-1. Во изминатиот период, Мурињо и неговите соработници работеле на корекција на тактичкиот пристап, со јасна цел, Реал да остане во трката за титулата во Ла Лига, и покрај заостанувањето зад Барселона,како и да продолжи со добрите резултати во Лигата на шампионите, каде што го совлада Интер со 2-1 на стартот.
Како што пренесува „АС“, португалскиот стратег издвоил две клучни прашања што треба да ги реши.
Првото е поврзано со Винисиус Жуниор, Бразилецот не ги исполнува очекувањата на почетокот од сезоната, иако Мурињо му укажува голема доверба. На првите осум натпревари постигна само еден гол и забележа три асистенции, а неговиот настап против Атлетико дополнително ги потврди проблемите со формата.
Сепак, Мурињо нема намера да го пресели на клупата, напротив, планот е да се промени тактичката поставеност за Винисиус повторно да биде поопасен во нападот. Едно од можните решенија е да му се намалат дефанзивните обврски по левата страна, при што играч од средниот ред би добил задача да покрива поголем дел од тој простор.
Вториот проблем е средниот ред. Мурињо досега најчесто ја користеше формацијата 4-2-3-1, со Џуд Белингам како офанзивен играч за врска. Англичанецот одговори со три гола и две асистенции на седум натпревари, па ова решение засега се покажува како успешно.
Сега главната задача е да се пронајде идеалниот тандем пред одбраната, односно комбинација што ќе му овозможи на Реал подобра контрола на играта и поголема стабилност при освојувањето на топката, а како што пишува „АС“, Федерико Валверде е еден од клучните играчи во оваа замисла.
Мурињо досега испроба неколку комбинации, на осум натпревари од сезоната 2026/2027, Реал започнал со четири различни тандеми во средниот ред.
Комбинацијата Валверде – Бернардо Силва донесе три победи. Парнерство Валверде – Едуардо Камавинга донесе триум против Малага со 4-0, но и пораз од Бетис со 1-0. Против Интер, Валверде играше во тандем со Александер-Арнолд, додека комбинацијата со Орелиен Чуамени донесе различни резултати, од победа против Елче до разочарување во градското дерби со Атлетико.
Останува да се види дали Мурињо ја пронашол вистинската формула за време на паузата. Првиот вистински тест ќе биде дуелот со Виљареал, закажан за во сабота од 21:00 часот.