Мурињо го најави финалето во ЛШ: Ќе бидам злобен, но искрен – не сакав тоа да се случи!

by Стефан
1 минути читање

Португалскиот стратег Жозе Мурињо уште еднаш покажа дека неговата харизма и чувство за хумор не исчезнуваат, дури ни кога се зборува за неговите успеси од минатото. Во изјава за „Скај Спорт“, Португалецот се пошегува дека оваа сезона бил „загрижен“ од можноста Интер да ја повтори неговата историска тројна круна од сезоната 2009/10.

Токму Мурињо е последниот тренер што ја донесе титулата од Лигата на шампионите во Италија и тоа токму со Интер, кога на „Сантијаго Бернабеу“ во финалето го совлада Баерн Минхен. Истата таа сезона, Интер под водство на Мурињо ги освои и Серија А и Купот на Италија, досега единствена тројна круна во историјата на италијанскиот фудбал.

„Ќе бидам малку злобен, но искрен. Бев навистина загрижен дека Интер ќе успее да освои тројна круна оваа сезона, а тоа не го сакав. Тоа е моја тројна круна“, изјави со насмевка Мурињо.

Сепак, откако Скудетото замина кај Наполи, а Купот во витрините на Болоња, Мурињо сега им посакува среќа на „нераѕурите“ во финалето на Лигата на шампионите.

„Сега кога ги загубија домашните трофеи, би сакал Интер да ја освои Лигата на шампионите. Но, и ако триумфира Пари Сен Жермен, ќе бидам среќен за Луис Енрике, направи одлична работа во Париз“, додаде Мурињо.

Финалето во најелитното европско клупско натпреварување е закажано за в сабота на 31. мај.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани