Мурињо не може да молчи, меѓу редови ги кажа проблемите кои ги имал во Манчестер јунајтед

by
2 минути читање

Португалецот денеска го има првиот ангажман по отказот од Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо ќе работи како стручен коментатор за беИН Спортс и ќе прави анализа за мечот помеѓу Саудиска Арабија и Катар на Азискиот куп на нации.

Па појавувањето пред камерите го искористи да проговори и за случувањата на Олд Трафорд. Медиумите оваа недела објавија дека тој не смее да открива детали од случувањата на Олд Трафорд зошто ќе остане покус за неколку милиони, но „специјалниот“ меѓу редови проговори за одредени проблеми.

„Понекогаш коментираме на основа на она што го гледаме, но не знаме што се случува зад сцената“ – вели Жозе Мурињо.

„Ќе ви кажам еден пример, јас лично мислам дека тоа што завршив втор со Манчестер јунајтед во Премиерлигата е една од најголемите постигнувања во мојата кариера. Има луѓе што ќе речат, „Па тој е луд… има освоено 25 титули…“ Но јас стојам зад ова што го кажувам бидејќи луѓето не знаат што се случуваше зад сцената. Кога луѓето се од оваа страна на камерата, ги анализираат работите од друга перспектива“.

Изминативе месеци, често се шпекулираше дека Жозе Мурињо е во расправија со неколку играчи, пред се првата ѕвезда Пол Погба, кој се разигра по доаѓањето на Оле Гунар Солскјер и е еден од клучните фудбалери за серијата од шест победи на Норвежанецот.

Португалецот не говореше конкретно, но имаше одредени замерки за Французинот но и извршниот потпретседател, Ед Вудворд.

„Еден клуб мора да има сопственик или претседател, генерален извршен директор, спортски директор или директор за фудбал и потоа тренерот“.

„Оваа структура ви овозможува да се справите со проблемите кои ги носи модерниот фудбал. Повеќе не сме во време каде тренерот сам е доволно моќен да се справи, да ги едуцира и понекогаш да влезе во конфротација со играчите кои не се најдобри професионалци. Во денешно време, на тренерите им е потребна структура. Клубот мора да биде добро организиран да се справи со вакви ситуации каде тренерот е само тренер а не лице кое треба да се грижи за дисциплина, за едукација на играчите итн“.

„Една фраза на Сер Алекс Фергусон засекогаш ќе ја паметам „денот кога играчот е поважен од клубот, тоа значи крај““.

Португалецот исто така порача дека се уште е млад за пензија и најави дека ќе се врати на кормилото на топ клуб, каде што му е и местото.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани