Милевски пред мечот со Фарски острови: Целта на Македонија секогаш е победа

by
2 минути читање

Иако Македонија ќе биде без тројца првотимци од мечот со Малта, зашто не се во комбинација Столе Димитриевски, Висар Муслиу, Ѓоко Зајков, македонскиот селектор Благоја Милевски најавува дека мечот е шанса да се наметнат и фудбалерите кои имаат помала минутажа за уште појасна слика за следниот период.

„Не се во комбинација Димитриевски, Муслиу и Зајков, а сите останати се надевам се спремни и подготвени да се стават во функција за утрешниот меч, иако има замор кај повеќето фудбалери. Но, познавајќи го нивниот карактер знам дека ќе бидат способни максимално да одиграат. Целта на секој меч е Македонија да победи! Да даде сѐ од себе и не гледам ништо поразлично да биде и сега“, вели Милевски.

Фарски острови е една од неколкуте селекции кои некогаш беа „топовска храна“, кои имаат сериозно голем напредок, а лани успеаа да ја победат и Турција, што значи дека црвено-жолтите ги чека силен предизвик за да потврдат дека после слабиот настап во втората половина од ланската година, очигледен е напредок.

„Фарски острови на последните осум меча имаат само еден пораз, а ја победија Турција и сето тоа говори дека денеска нема слаби селекции, нема аутсајдери, дека сите напредуваат и сите следат модерни трендови во фудбалот. Тоа важи и за нив. На последниот меч со Молдавија покажаа дека се цврст и агресивен тим, кој игра со многу сила, многу трчање, но доста напредувале на тактичко-технички план. Нѐ чека сериозен противник, што ќе бара да сме максимално фокусирани и дисциплинирани“.

Македонскиот селектор посочи дека оваа контролка е добра проверка, иако не е профил на селекција која треба да ја „глуми“ Англија или Украина, кои се наши следни јунски противници.

„Како подготовка за јунските мечеви, не гледам некое многу значение зашто станува збор за различни противници, за различен тип на индивидуални карактеристики. Ова е одлична можност да го видиме нашиот потенцијал, на кого може да сметаме од тие со помала минутажа и да видиме кој на вакви мечеви може да ни е од помош во јуни“.


Обложувај се онлајн на Моцарт, 100% бонус на прва уплата до 400 евра, регистрирај се на овој ЛИНК.


Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани