Македонија одигра уште еден меч на високо ниво против селекцијата на Италија, овојпат резултатот беше 1-1, освоивме бод со прекрасен гол од слободен удар на Енис Барди во 81. минута.
„Ова е сосема различен тип на меч од Палермо, не само од аспект дека таму игравме плејоф, туку и дека сосема нов лик има Италија со нови играчи и нов селектор, имавме и ние многу измени, но пак ќе повторам морам да бидам задоволен од тоа што го покажаа момците, од желбата за докажување, желбата да си го портврдат својот квалитете кој никогаш не бил довиден во прашање“, вели Милевски.
„Овој нерешен резултат не е рамен на победа, затоа што се добива еден бод. Во второто полувреме функциониравме многу подобро отколку во првото. На одморот ги поправивме аномалиите кои ги имавме во првиот дел“.
„Играчите се прекрасни момци, тоа го покажаа и на теренот. И претходно кажав дека за овој фифа прозорец не се грижам за физичката спремност на играчите бидејќи тие доаѓаат од одржани подготовки во своите клубови за разлика од јунскиот прозорец кој никогаш не сум го сакал бидејќи играчите доаѓаат од завршени сезони. Кога играте со вакви противници морате да бидете на највисоко ниво и физички и ментално“.
„Оваа добра игра, овој бод нема да ни значи ништо ако не победиме на гостувањето кај Малта, за тоа се свесни и фудбалерите и јас. Ова што се случи денеска е веќе зад нас, откако ќе влеземе во автобус вечерва ќе се спремаме за Малта“.
„Денеска направивме три принудни измени поради физичка исцрпеност, по крајот на мечот и Манев се пожали на грчеви. Овој терен нема да го коментирам затоа што не заслужува да го коментирам. Среќен сум што ниту на едната, ниту на другата нема посериозни повреди“.
„Не чувствувам никаков притисок од јавноста, јас сум професионалец и работам посветено. Пред секој меч добро е да имаме притисок, момците покажуваат дека вредат кога се под притисок. Тоа може да ни биде само мотив плус во иднина, нека продолжи тој притисок и понатаму, а ние да изгледаме како што изгледаме“.