Фудбалскиот клуб Милан е пред ангажман на нов тренер, откако Серџо Консеисао слично како сонародникот Пауло Фонсека не успеа да го крене тимот на посакуваното ниво. „Росонерите“ останаа без Европа и рано беа елиминирани во Лигата на шампионите, а го освоија само трофејот во Суперкупот губејќи го Куп-финалето од Болоња.
Управата го ангажира Игли Таре како спортски директор, а тој имаше јасна цел и веројатно ја исполни. Нов тренер на Милан ќе стане Масимилијано Алегри, човекот кој пред Стефано Пиоли последен донесе скудето во 2011 година. Искусниот стратег е слободен по заминувањето од Јувентус, а според италијанските медиуми веќе си подал рака со „росонерите“.
Според најавите Алегри ќе добие двегодишен договор со опција за продолжување на уште една, а платата ќе му биде околу 5 милиони евра. Иако се зборуваше дека е близу до потпис со Наполи, стратегот имаше состанок со Таре и беше предомислен.