Поранешниот тренер на Лидс Јунајтед и актуелен селектор на Канада, Џеси Марш порача дека Манчестер Сити заслужува најстрога можна казна поради прекршувањето на финансиските правила во Премиер лигата. Американецот тврди дека начинот на кој клубот од „Етихад“ работел со години не бил никаква тајна во англискиот фудбал.
Да потсетиме, независна комисија неодамна го прогласи Манчестер Сити за виновен по повеќето обвиненија што против клубот ги поднесе Премиер лигата. Утврдено е дека клубот во периодот од девет сезони (од 2009/10 до 2017/18) користел фиктивни и прикриено финансирани спонзорски договори, со цел вештачки да ги зголеми приходите и да ги прикрие реалните трошоци.
Марш смета дека не смее да има попустливост и дека санкциите мора да бидат радикални.
„Сметам дека Манчестер Сити мора да биде жестоко казнет. Според мене, тие треба да бидат исфрлени од лигата. На крајот на краиштата, сите знаеја. Сите во англискиот фудбал знаеја што се случува“, изјави Марш во интервју за „Гардијан“.
Американскиот стратег го презеде Лидс Јунајтед во февруари 2022 година, а отказ доби една година подоцна. Лидс на крајот од таа сезона испадна од друштвото на најдобрите, неколку месеци по неговото заминување.
Марш се присети на летниот преоден рок во 2022 година, кога Лидс го продаде Рафиња на Барселона, а Калвин Филипс токму на Манчестер Сити.
„Тоа лето само ние и Манчестер Сити официјално објавивме дека сме работеле со профит. Но, ние навистина ги заработивме тие пари, ги продадовме Рафиња и Филипс и ни остана сериозна заработка…“