Манчестер јунајтед ја искористи опцијата да ги продолжи договорите на Хуан Мата, Андер Ерера, Ешли Јанг и Далеј Блинд за уште една сезона.
На овие четворица фудбалери актуелните договори им истекуваа ова лето, но клубот ја искористи клаузулата да ја продолжи соработката за дополнителни 12 месеци, до јуни 2019 година.
Претходно беше продолжен и договорот на Лук Шо за една година, и нему исто така актуелниот му истекуваше следното лето.
По продолжувањето на договорите со овие играчи нивната иднина е посигурна, но се уште постои можноста тие да заминат во летниот период доколку до клубот пристигне добра понуда за нив, а Мурињо даде зелено светло.
Во иста ситуација се наоѓаше и Маруан Фелаини, тој е слободен играч следното лето, но се уште не добил продолжување на договорот со Манчестер јунајтед. Тој сега е слободен да преговара со други клубови за нов ангажман.
Истекува договорот и на Мајкл Карик кој ќе се пензионира, а не се очекува да биде продолжена соработката ниту со Златан Ибрахимовиќ поради возраста на напаѓачот.