Грузија е противникот кој е запишан во нашата фудбалска историја, со победата над нив во Тбилиси, сигнавме до нашето прво Европско првенство.
Судбината сакаше и овојпат тие да ни бидат една од пречките до континенталното натпреварување, а Грузија на овие двобои сигурно гледа и како можност за одмазда иако ниту еден од нивниот табор не сака да го потенцира тоа.
Грузија под водство на Вили Сањол ја крена играта на повисоко ниво, тие имаат одличен влез во новата сезона од Лигата на нации, победија во првите два меча и како лидери пристигнаа во Скопје.
Ние имаме два бода помалку, па математиката вели дека немаме право на кикс. Мораме да освоиме најмалку четири бода против Грузија и да ги победиме Гибралтар и Бугарија на домашен терен.
Тоа значи дека вечерва мора да атакуваме на победа против Грузија, и реми ќе не остави во игра, но тогаш ќе мора трите бода да ги бараме во Тбилиси. Пораз ќе значи крај на реалните надежи за прво место иако теоретските шанси ќе останат.
Досега сме одиграле три меѓусебни меча со Грузија, сите беа пред две години. Историската победа која веќе ја споменавме, како и две ремија од 1-1, едното во Тбилиси, другото во Скопје.
„Грузија е анализирана, не само последниот меч со Бугарија, одлична селекција се, одличен тим се, со одлични индивидуалци. Во Бугарија одиграа одличен меч, но секој меч е различен и посебна приказна. Така да овој меч наш со Грузија нема да биде ништо исто од нашиот со Бугарија или нивниот со Бугарија. Уште помалку нема никаква конекција со тој меч во Тбилиси“, вели Милевски.
„Секој меч е нов предизвик, што е поминато е зад нас и историја, а на овој меч е битен, односно најбитен зашто е прв следен. Има разлика во играта на Грузија со сегашниот селектор, сѐ е поразлично од претходните мечеви со нас, но важноста на мечот не нѐ оптеретува премногу, подготовката е иста и главно е да де даде максимум за да се постигне успех“.
Селекторот на Грузија, Вили Сањол вели дека Македонија оправдано ја има улогата на фаворит во групата, но се надева дека на крајот тие ќе бидат први.
„Сѐ уште стојам на тоа што го реков и пред почеток на овој циклус, дека Македонија играше на Европско првенство, ја победи Италија неодамна, игра одличен фудбал во последниве две години и апсолутно си ја заслужи фаворитската улога во оваа група. Но, зборовите не играат, делата се гледаат на терен, таму силата се покажува, а ние ќе видиме што може да направиме. Нѐ чека еден важен меч сега, следен во септември…“, вели Сањол.
„Тоа што се случи пред една ипол година за мене нема значење, јас не бев дел од таа селекција и за мене овој меч не е одмазда. Да, ова е исто натпреварување, ама сѐ друго е различно, друти селектори, други околности. И не треба да размислуваме што се случи пред 18 месеци. Треба да размислуваме како игравме во изминативе седум дека, да играме со ист интензитет. Ако така продолжиме, ако го задржиме тимскиот дух и интензитет, мислам дека ќе се вратиме во Тбилиси од Скопје со убави сеќавања“.