Македонија Ѓорче Петров од 17:30 часот на стадионот во тренинг комплексот „Петар Милошевски“ ја пречекува екипата на ЦСКА Софија.
Бугарскиот тим е фаворит во овој двобој, но денеска лавовите ќе ја имаат дополнителни крилја кои треба да им ги даде публиката. Клубот соопшти дека натпреварот е распродаден. Капацитетот не е голем, нешто над 1.000 гледачи, но атмосферата може да биде жешка.
„Пред нас е тежок меч, играме против гигант каков што е ЦСКА Софија. Тие се фаворити, врз нив е притисокот, но ние одлично ги анализиравме. Ги знаеме нивните добри страни, но имаат и слаби страни кои ќе се обидеме да ги искористиме. Верувам дека ќе одиграме одличен меч, се подготвувавме 40 дена за овој дуел и максимално сме подготвени. Тие се фаворити, но гледаме дека во фудбалот има многу изненадувања, зошто да не направиме и ние едно“, вели тренерот на Македонија ЃП, Бајрами.
Од натпреварот меѓу Македонија Ѓорче Петров и ЦСКА Софија ќе има директен пренос на МТВ.
Половина час претходно, од 17:00, Шкендија ќе го почне својот дуел, тетовскиот тим гостува кај Валмиера од Летонија.
Шкендија одигра одлично против Арарат во претходно коло, делуваше надмоќно во три од четирите полувремиња. Доколку биде повторена таа игра, може да се надеваат на добар резултат.
„Нов меч за нас, многу важен против противник кој ни е непознат, но го анализиравме. Ние ќе дадеме сѐ за да го дадеме максимумот и да дојдеме до позитивен резултат. Шкендија ќе оди на резултат, иако секој сака да гледа убав меч. Некои фудбалери и јас на клупата сме нови во однос на ланските европски мечеви и сега анализираме и гледаме да ги исправиме тие лански грешки“, вели тренерот на Шкендија, Артим Шаќири.