Фудбалерите на Лацио извлекоа бод од дербито на 36. коло во Серија А против Јувентус со гол за 1-1 во последните минути од мечот на Олимпико.
Како што се очекуваше, средбата беше тврда поради тоа што влогот беше огромен. Првиот дел мина без преголеми возбудувања и голови.
На стартот на продолжението Јувентус успеа прв да стигне до гол преку Рандал Коло Муани во 51. минута од средбата (0-1). Следуваше глупост на Пјер Калулу, бидејќи во една акција буквално го шлапна Кастељанос по глава, а судијата по ВАР проверка го исклучи во 65. минута.
Лацио се наметна и притисна до крајот, но долго не успеваше да дојде до гол. Отпорот на гостите пукна во 96. минута и херој на домашните беше Матија Весино.
Сега Јувентус и Лацио се израмнети со по 64 бода, Рома која утре гостува кај Аталанта има 63, Болоња има 62, а Милан е осми со 60.