Марко Барони повеќе не е тренер на Лацио. Клубот од Рим денеска официјално потврди дека му врачил отказ на 61-годишниот стратег, кој на клупата мина само една сезона.
Барони ја презеде екипата во летото 2024 година и долго време беше во трка за позициите што водат во Лигата на шампионите. Сепак, слабата форма во завршницата на сезоната кулминираше со пораз од Лече во последното коло, по што Лацио заврши на седмото место и остана без пласман во европските натпреварувања.
Управата на „бјанкочелестите“ реши веднаш да реагира и да започне нова етапа, со што му се заблагодари на Барони за соработката и официјално ја прекина соработката.
Како најсериозен кандидат за негов наследник се споменува поранешниот тренер на клубот, Маурицио Сари. Тој веќе е во напредни разговори со Лацио и се очекува да потпише двегодишен договор со можност за продолжување. Сари би имал годишна плата од 2.5 милиони евра и поголема улога во трансфер-политиката на клубот.