По само една сезона во Романија, македонскиот фудбалер Кристијан Ацковски ја заврши својата авантура во редовите на Корвинул 1921 Хунедоара. Иако имаше договор до летото 2026, поради низа проблеми оваа сезона, 27-годишниот играч за врска побара раскин на соработката.
Ацковски уште на стартот на романската епизода се соочи со административни маки, доцнеше со добивањето виза и дебитираше дури во октомври. Одигра два натпревари, но потоа заработи скршеница на прстот и повеќе не се врати во конкуренција.
Сезоната ја заврши со само два настапи, а сега е во потрага по нов клуб, најверојатно во домашното првенство. Ацковски веќе разгледува понуди и приоритет му е да најде средина каде што ќе добие минутажа и ќе го врати континуитетот.
Тој потекнува од школата на Работнички, играше на позајмица во Борец, а подоцна беше клучен дел од средниот ред на Брегалница. Последен македонски клуб му беше Шкупи, каде што мина две сезони. Прекинот со Корвинул би можел да биде нов почеток – на познат терен.