Колумбија не издржа со десет играчи, Јапонија слави голема победа (ВИДЕО)

by
2 минути читање

Јапонија со победа го почнува Светското првенство и тоа против фаворитот Колумбија кој не успеа да парира 90 минути со играч помалку.

Дека натпреварот ќе биде посебен беше најавено уште на самиот старт. Во третата минута Карлос Санчез играше со рака во својот шеснаесетник додека топката одеше во празниот гол. Судијата покажа пенал за Јапонија и му даде црвен картон на Кулумбиецот.

Шинџи Кагава беше прецизен од белата точка и донесе водство на Јапонија од 1-0.

И покрај тоа што имаа десет фудбалери, Колумбијците жестоко нападнаа за да го изедначат резултатот. Имаа неколку шанси, но при нападите оставаа простор за Јапонците кои не успеваа да ги искористат грешките на противникот.

Изедначувањето стигна во 39. минута кога Кинтеро погоди од слободен удар. Топката не ја затресе мрежата но ја мина гол линијата за голема радост на Колумбија.

Во второто полувреме Јапонија беше таа која атакуваше кон втор гол, Колумбија како да се истроши во првото полувреме па не можеше рамноправно да парира со играч помалку.

Се играше викторија пред голот на Колумбија, Оспина имаше неколку интервенции пред неговата мрежа по втор пат да биде затресена. Хонда нафрли од еден корнер во 73. минута а Осако со глава реализираше за конечни 2-1.

По примениот гол Јапонија се повлече, а Колумбија повторно бркаше негатива која овој пат не ја стигна. На крајот Јапонците заслужено се радуваа на три бода.

Во следното коло Колумбија игра против Полска, а Јапонија ќе се сретне со Сенегал.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани