Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар се соочува со санкција од УЕФА поради неправилности во финансиското работење во сезоната 2023/24. Извршниот директор Миленко Неделковски откри дека европската куќа на фудбалот му изрекла парична казна од 250.000 евра, како и условна мерка во траење од три години.
Според Неделковски, санкцијата е резултат на утврдени двојни договори со фудбалери и фалсификувана документација, неправилности кои биле констатирани по десетмесечна ревизија спроведена од УЕФА во клубот.
„Црвено-црните“ во следните три години ќе бидат под засилен надзор, а секое ново прекршување на правилата на УЕФА може да повлече дополнителни и значително построги казни.
Од Вардар информираат дека случајот веќе е пријавен и до надлежните институции. Поднесена е кривична пријава до Основното јавно обвинителство, а според раководството на клубот, спорните дејствија се случувале пред доаѓањето на сегашниот сопственик на Вардар.