Италија не нѐ памети по добро – да ги расплачеме и во Рим!

by
2 минути читање

Поразот од Украина ги згасна шансите на Македонија за пласман на Европското првенство, мечевите против гигантите Италија и Англија ќе бидат за престиж и добар впечаток.

Вечерва ѝ гостуваме на Италија во Рим. На последните три меча со азурите немаме пораз. Од нив загубивме само еднаш, во Скопје во 2016 година, оттогаш Италијанците трипати играа со нас и трипати се разичараа. Посебно болен за нив беше поразот во Палермо кој ги остави без Мундијал.

Бодовите од вечерашниот меч можат да бидат одлучувачки за пласманот на Италија на Европското првенство. Во последното коло тие играат директен дуел со Украина, но ако не победат вечерва со нас, мора да триумфираат на тој натпревар, со плус три бода на контото од вечерашниот меч ќе им биде доволно и реми против Украинците.

Ние на Олимпико мечот го почнуваме растоварени од било каков притисок, нема што да загубиме, имаме набилдано самодоверба од претходните мечеви со Италија, па ќе се обидеме да направиме ново чудо. Видовме дека можеме, па зошто да не се надеваме на нова епизода со среќен крај.

Меѓусебниот скор меѓу Македонија и Италија е изедначен, двете селекции имаат по една победа, два натпревари завршиле нерешено, гол разликата е 5:5.

За разлика од мечот во Скопје против Италија, селекторот Милевски нема да може да смета на повредениот Зајков, поради повреда отпадна и Трајковски. Останатите се во комбинација за настап.

Италијанскиот селектор, Лучано Спалети има повеќе проблеми со повредени фудбалери, но Италија има и неспоредливо поголем ростер на квалитетни играчи со кој ќе ги надополните отсутните, па кој и да настапи пред нас ќе имаме репрезентација од највисок калибар.

Италија вечерва е голем фаворит, но на своите плеќи носи тежина од претходните неуспеси против Македонија која ѝ создава дополнителен притисок. Целта на Македонија е уште еднаш да им го загорчи животот на Италијанците, покрај Палермо, да се сеќаваме и на Рим.

×