Претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино, во пресрет на почетокот на Светското првенство изјави дека интересот на навивачите за Мундијалот е без преседан, а посебно задоволство изрази поради учеството на Иран на турнирот и покрај бројните предизвици со кои се соочуваше оваа селекција.
Инфантино откри дека уште во март, за време на посетата на иранската репрезентација во Анталија, им ветил дека ќе настапат на Светското првенство без оглед на сите компликации.
„Кога многумина зборуваа дека ќе биде невозможно Иран да дојде на Светското првенство, јас им кажав и им ветив дека ќе бидат дел од турнирот. Дури реков дека, доколку е потребно, со автобус ќе заминам до Техеран и лично ќе ги донесам овде. Тие ми одговорија дека самите ќе седнат зад воланот ако треба, бидејќи се квалификуваа и сакаат да играат. Тоа е вистинскиот дух на фудбалот“, изјави првиот човек на светската куќа на фудбалот.
Тој додаде дека спортот има единствена моќ барем накратко да ги оддалечи луѓето од секојдневните проблеми и да ги обедини околу позитивни вредности и заедничка страст.