Меси игра во фантастична форма на ова Светско првенство и веќе постигна пет гола за Аргентина. Последните два ги постигна во победата од 2-0 над Австралија, со што испиша нова страница во историјата на Мундијалите.
Аргентинската ѕвезда со 18 гола стана најдобар стрелец во историјата на Светските првенства, откако ја надмина германската легенда Мирослав Клосе.
По овој натпревар Златан Ибрахимовиќ не штедеше пофалби на негова сметка.
„Мислам дека веќе нема никаква дебата. Кога ќе станете најдобар стрелец во историјата на Светските првенства, ќе го освоите турнирот, ќе доминирате низ различни генерации и ќе продолжите да играте на вакво ниво и на 38 години, што повеќе би можеле луѓето да посакаат?“, изјави Ибрахимовиќ.
Поранешниот напаѓач на Милан, ПСЖ и Барселона смета дека константноста на Меси е нешто што ретко се гледа во спортот.
„Со години го споредуваме со сите останати, но дури ни најголемите легенди пред него не можат да се мерат со неговото целокупно наследство. Пеле, Марадона, Кројф, кого и да го споменете, сите беа извонредни, но бројките, долговечноста и трофеите на Меси го ставаат во посебна категорија“, додаде тој.
Осврнувајќи се на настапите на Аргентинецот на актуелниот Мундијал, тој не го криеше своето воодушевување.
„Пет гола на два натпревари… Јас имам нула голови на две Светски првенства. Затоа сум среќен за него и се надевам дека ќе продолжи во ист ритам. За неколку дена му е роденден, па нека ужива, затоа што сите ние уживаме гледајќи го како игра. Неверојатно, едноставно неверојатно. Немам зборови“, порача поранешниот голгетер.