Шкупи со 2-2 се враќа од Хрватска, македонскиот шампион во Скопје ќе се обиде да ја комплетира сензацијата и да го исфрли Динамо Загреб од Лигата на шампионите иако хрватскиот тим останува фаворит за пласман во следното коло.
Пред натпреварот Шкупи беше исмеван во хрватските медиуми, главна беше веста за патешествието на чаирчани од Гибралтар до Скопје во кое играчите на македонскиот тим со часови седеле на плажа, спиеле во Мекдоналдс, патувале два дена за да заштедат.
Исмевањето влијаеше Шкупи да биде потценет во очите на хрватската јавност, но очигледно и во очите на фудбалерите на Динамо Загреб.
По натпреварот атмосферата во Загреб е поинаква, медиумите и навивачите на Динамо се шокирани од резултатот и полни со критики кон играчите и тренерот.
Динамо Загреб од голем фаворит се доведе во ситуација да стравува од сензационална елиминација во Скопје од македонскиот шампион Шкупи.