Хаџиевски ја напушти Спартак Варна

by Стефан
1 минути читање

Македонскиот тренер Ѓоко Хаџиевски повеќе не е на клупата на бугарскиот прволигаш Спартак Варна, откако клубот официјално ја потврди разделбата со искусниот стратег. Иницијативата за прекин на соработката дошла од самиот Хаџиевски, непосредно по убедливата победа од 3:0 во градското дерби против Черно Море.

Од Спартак Варна посочија дека Хаџиевски го презел тимот во еден од најпредизвикувачките периоди за клубот и успешно ја исполнил задачата да обезбеди стабилност и опстанок во најсилната бугарска лига.

„Тој беше со нас во исклучително тежок период и успешно ја исполни својата мисија. По победата во дербито против Черно Море, господинот Хаџиевски соопшти дека сака токму тој натпревар да биде неговото последно поглавје на клупата на Спартак. Неговата одлука ја прифативме со разбирање и почит“, стои во клупското соопштение.

Бугарскиот клуб му се заблагодари на македонскиот стратег за неговиот професионален пристап, посветеноста и богатото искуство што ги вложил за време на ангажманот, оценувајќи дека оставил значајна трага во клубот.

„Му благодариме за сè што направи за Спартак. Му посакуваме многу здравје, лична среќа и нови успеси, а вратите на нашиот клуб секогаш ќе му бидат отворени“, се додава во соопштението.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×