Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола иронично рече дека Луис Енрике и Винсент Компани се лоши тренери, а ПСЖ и Баерн Минхен имаат ср*ње играчи, па затоа тој гледаше третолигашки фудбал наместо полуфинале во Лигата на шампиони.
ПСЖ и Баерн Минхен во вторникот приредија спектакл, одиграа 5-4 во полуфиналето во Лигата на шампиони, и според многумина ова беше еден од најдобрите натпревари во историјата.
Но додека се случуваше голеада во Париз, Пеп Гваридола беше уловен на трибините на третолигашката пресметка помеѓу Стокпорт и Порт Вејл.
На денешната средба со новинарите, тренерот на Манчестер Сити беше запрашан за изборот, а тој иронично одговори: „Кога видов што има на распоредот, за мечот ПСЖ-Баерн Минхен си реков, „Ова ќе биде катастрофа од натпревар!“ Тренерите се лоши, играчите се ср*ње… Го обожавам англискиот фудбал, па решив да одам да гледам Стокпорт!“
„Го гледав натпреварот ПСЖ-Баерн веднаш по натпреварот на Стокпорт. Си сипав часа вино, и седнав да го гледам натпреварот и покрај тоа што го знаев резултатот“.
Запрашан за поделените мислења, односно тоа дека едни сметаат дека мечот бил фантастичен, а други прашуваат што правеле дефанзивците, Пеп Гвардиола вели: „Во тоа е убавината на фудбалот. Секој има свој стил и свое видување. Кога ќе се постигнат девет погодоци во полуфинале, тоа е фантастично“.
„Но и дуелот помеѓу Атлетико Мадрид и Арсенал беше добар на свој начин. Фудбалот треба да се прифати во сите негови различни форми“.