Барселона под водство на Ханси Флик се наоѓа пред еден од најважните испити сезонава – полуфиналниот дуел со Интер во Лигата на шампионите.
Германскиот стручњак зборуваше за медиумите во пресрет на првиот натпревар, истакнувајќи дека фокусот е целосно насочен кон мечот во Шпанија и дека тимот е максимално мотивиран да направи чекор поблиску до финалето.
„Се концентрираме само на првиот натпревар – тоа е првата фаза од нашата мисија. Знаеме дека не нè чека лесна задача. Интер има исклучително добро организирана одбрана, но нивната сила не застанува тука – и средниот ред и нападот се квалитетни и искусни,“ изјави Флик.
Тој додаде дека Интер има сериозно искуство во вакви натпреварувања, но исто така верува дека и Барселона има свои адути кои можат да донесат резултат.
„Нашите играчи сонуваат за финале. Знаеме колку е тежок патот до таму, но сме подготвени. Ќе дадеме сè од себе за да ги израдуваме навивачите“,заклучи тренерот на Барса.
Интер пристигнува во Каталонија со три порази во низа, а натпреварот ќе се одигра вечерва, на 30 април, со почеток од 21:00 часот.