Барселона со многу мака стигна до победа против Џирона, славејќи со 3-2 благодарение на погодокот во судиското надополнување, но триумфот беше засенет од исклучувањето на тренерот Ханси Флик, кој нема да може да ја води екипата на претстојното „Ел Класико“ против Реал Мадрид.
Германскиот стратег во продолжението на натпреварот доби прво жолт, а потоа и втор жолт картон поради реакција по голот на Араухо. Главниот судија Хесус Хил Манзано го протолкува неговото гестикулирање како прекумерно и навредливо, поради што Флик беше испратен на трибините.
„Френки Де Јонг доби жолт картон, а мојата реакција не беше насочена кон судијата. Не знам зошто ми даде втор жолт картон. Не протестирав против никого, особено не против судијата. Аплаудирав како ќе реагира тимот. Ги прифаќам сите одлуки на судиите, тие ги носат. Она што го направив немаше никаква врска со него. Ако не сака да разговара со мене, тоа не ме прави тажен, го прифаќам“, изјави Флик по натпреварот.
Инцидентот доаѓа во незгоден момент, бидејќи токму следниот викенд Барселона гостува на „Сантијаго Бернабеу“ во најголемото шпанско дерби. Каталонците сепак имаат можност да поднесат жалба, па останува да се види дали казната ќе биде укината.
Големото „Ел Класико“ се игра за седум дена на „Сантијаго Бернабеу“ со почеток од 16:15 часот.