ФИФА отвори дисциплинска постапка по инцидентите што се случија за време на финалето на Светското првенство меѓу Шпанија и Аргентина, а под лупа на Дисциплинската комисија се најдоа неколку аргентински репрезентативци, како и еден шпански фудбалер.
Според извештајот на етичкиот и дисциплински обвинител на ФИФА, постапка е отворена против Леандро Паредес, Науел Молина, Тијаго Алмада и членот на стручниот штаб Роберто Ајала. На списокот се најде и шпанскиот репрезентативец Гави.
Најсериозните обвиненија се однесуваат на физички инциденти и агресивно однесување за време на финалниот натпревар. Паредес се соочува со три дисциплински точки, Молина со две, додека против Ајала е поднесена една пријава. Воедно, Гави, Алмада и Молина се товарат и за неспортско однесување за време и по завршувањето на средбата.
Покрај индивидуалните постапки, дисциплинска истрага е поведена и против Фудбалската федерација на Аргентина. Според ФИФА, федерацијата ќе одговара поради дискриминирачки скандирања од трибините, доцнењето на почетокот на натпреварот, како и поради наводно прекршување на безбедносните и организациските прописи.