Фудбалската федерација на Македонија одлучи да им излезе во пресрет на најмладите фудбалери и тренерите, па за вечерашниот натпревар меѓу Македонија и Шкотска ќе биде обезбеден бесплатен влез.
Македонската репрезентација од 20:45 часот ја пречекува Шкотска во третото коло од Лигата на нации, а на трибините бесплатно ќе можат да присуствуваат младите фудбалери, заедно со своите тренери, како и навивачките групи.
Оваа можност нема да важи само за вечерашниот натпревар. Најмладите фудбалери ќе имаат бесплатен влез и на преостанатите натпревари на Македонија во овој циклус од Лигата на нации, а ќе бидат сместени на западната трибина на Националната арена „Тодор Проески“.
Од ФФМ информираат дека бесплатниот влез се однесува на децата од Детската лига, фудбалските школи, како и на сите младински категории, пионери, помлади пионери, кадети и младинци.
Дополнително, свое место на трибините ќе имаат и навивачките групи, кои претходно побарале организирано присуство на натпреварот.
„Бесплатен влез на натпреварите на Македонија имаат младите фудбалери придружувани од своите тренери од Детската лига, фудбалските школи, како и сите младински категории во системот на ФФМ – пионери, помлади пионери, кадети и младинци. За натпреварот Македонија – Шкотска, влезот за нив на западната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ е бесплатен. Свое место на трибините имаат и навивачките групи кои побараа организирано присуство на натпреварот“, информираа од ФФМ.