Новиот тренер на Вардар, Кристијан Фабијани, со голем оптимизам ги започна подготовките за претстојната сезона, нагласувајќи дека целта на македонскиот шампион е исполнување на високите амбиции кои клубот ги поставува пред себе.
Аргентинскиот стратег истакна дека е задоволен од пристапот и физичката подготвеност на играчите на стартот од подготовките, додавајќи дека условите за работа во Вардар се на високо ниво.
„Играчите пристигнаа максимално подготвени и тоа е добар знак пред почетокот на сезоната. Имаме големи цели и ќе работиме напорно за да ги оствариме. Свесни сме дека нè очекува силна конкуренција, но со посветена работа можеме да бидеме чекор пред останатите. Вардар е институција во македонскиот фудбал и треба да биде најдоминантниот клуб во државата“, изјави Фабијани.
Тој откри дека токму предизвикот да го води најтрофејниот македонски клуб бил главниот мотив за неговото доаѓање во Скопје. Фабијани порача дека верува во своите способности и дека сака да изгради компактна и обединета екипа, без разлика на возраста или националноста на фудбалерите.
„Доаѓањето во Вардар за мене претставува огромен мотив. Станува збор за најголемиот клуб во земјата и сакам да се докажам токму тука. Имам целосна доверба во својата работа и не правам поделби меѓу играчите. Најважно е да создадеме тим кој ќе функционира како едно и ќе биде конкурентен не само во домашните натпреварувања, туку и на меѓународната сцена“, порача новиот тренер на „црвено-црните“.