Тренерот на Вардар е оптимист и покрај поразот од КуПС среде Скопје од 2-0, Фабијани верува дека може да се победи на гостувањето.
Вардаровите фудбалери одиграа разочарувачки натпревар и гледајќи според играта, тешко дека ќе може да направат нешто сериозно во реваншот. Но, Фабијани гледа поинаку на работите.
„До тој прв гол на противникот игравме добро. Од таа десна страна направивме неколку добри акции, направивме и една шанса, и потоа се случи тоа што се случи. Подготовките според мене поминаа добро. Противникот знаевме дека е добар, дека има многу искуство. Подготовките беа успешни според мене, и сега кога ќе се загуби, можеме да бараме многу виновници. Во секој случај не чека многу работа. Еден месец е малку време. Јас сакам да игра тимот повеќе со топката, повеќе со ризик. Направивме шанси вечерва, не дадовме гол и потоа бевме казнети. Одиме и таму да играме фудбал. Треба да го смениме чипот. Колку и да звучи трагично резултатот, не е некој кој не може да се стигне, и одиме таму по чудо“, изјави Фабијани и додаде:
„Игравме против тим кој е во полн натпреварувачки ритам. Грешките сами ги направивме, нешто не бевме надиграни од противникот. Мислам дека ова нема никаква врска со физичка подготовка“, рече Фабијани, а околу црвениот картон на Босанчиќ, коментираше:
„Влезе со срце, јас сакам такви играчи. Тоа е дел од момент, и немам некој дополнителен коментар“, заклучи Аргентинецот на клупата на Вардар.