Ељиф Елмас беше најдобро оценет фудбалер на Наполи во ремито против Ајнтрахт Франкфурт во Лигата на шампионите. Македонскиот репрезентативец ја оправда довербата на тренерот Антонио Конте и фактот дека беше стартер го искористи за топ перформанс.
За жал, тој немаше учинок, а и натпреварот заврши без победник и голови (0-0). По мечот Елмас зборуваше за „Скај Спортс“ и го анализира одиграното, како и она што му следува на Наполи.
„Одигравме добар натпревар според мене, но едноставно не успеавме да реализираме. Игравме тимски, создадовме шанси, но понекогаш мора да бидете поагресивни кога ќе влезете во таа трета зона. Штета што не постигнавме гол, но мислам дека сме на вистинскиот пат. Мора да продолжиме да играме вака и се надевам дека со ваква игра ќе дојдат головите. Веднаш не чека натпревар со Каљари. За следните предизвици сигурно ни треба нешто повеќе. Како што реков, мора да постигнуваме голови, бидејќи головите го добиваат натпреварот. Реков дека мора да бидеме порешителни кога ќе влеземе во шеснаесетникот, мора да бидеме прецизни и исто така да се обидеме да шутираме повеќе. Навистина штета е што не постигнавме гол.
Секогаш се обидувам да го дадам најдоброто од себе. Се чувствувам добро, во добра состојба сум, пристигнав подготвен, го чекам мојот момент, се надевам дека ќе добијам повеќе минути за игра, но сè зависи од тренерот. Достапен сум за сите позиции, се обидувам да го дадам најдоброто од себе. Денес не успеав да постигнам гол, но одиме напред. Конте рече дека новите играчи почнуваат веќе да му помагаат на тимот, а јас се обидувам да го завршам својот дел најдобро секогаш кога ќе добијам шанса“, изјави Елмас.
Фактот дека минутажата на Елмас се зголеми го радува и македонскиот селектор Благоја Милевски, бидејќи веќе од понеделник стартува последниот репрезентативен собир за 2025 година.