Димитриевски е голманот со најмногу одбрани во Лигата на Нации (ФОТО)

by Стефан
1 минути читање

Македонија го заврши овој репрезентативен прозорец со четири порази во Лигата на нации, без постигнат гол, а во овие порази наша најсветла точка беше Столе Димитриевски.

Нашиот голман и покрај вчерашниот кикс во Луцерн, кога по негова грешка Швајцарија постигна гол, одигра важна улога во тоа Македонија да не претрпи уште потешки порази во овие четири средби.

Димитриевски по четири одиграни кола е голманот со најмногу одбрани во Лигата на нации. Македонскиот репрезентативец досега запиша 21 одбрана.

Зад него се Сене Лемес од Белгија и Џанлуиџи Донарума од Италија со по 19 одбрани. По 18 интервенции имаат Коломбо од Сан Марино, Матервич од Летонија и Морис од Луксембург.

Македонија на четирите натпревари прими десет гола, а не успеа да постигне ниту еден. Ако се земат предвид и 21 интервенција на Димитриевски, противниците упатиле вкупно 31 удар во рамките на нашиот гол, односно во просек речиси осум по натпревар.

Избраниците на Гоце Седлоски ќе имаат можност да го поправат впечатокот во ноември. Македонија најпрво ќе гостува кај Шкотска, а потоа на домашен терен ќе ја пречека Словенија.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×