Светското првенство дојде до последниот ден, вечерва сите очи ќе бидат вперени кон стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси каде Аргентина и Шпанија ќе се борат за најголемиот трофеј во фудбалот.
Првпат во историјата во финалето ќе играат актуелниот шампион на Европа и актуелниот шампион на Јужна Америка. Дополнително, Аргентина е и актуелен Светски шампион, и ќе се обиде да го одбрани таквиот статус.
Лионел Меси го игра последниот меч на Светските првенства, а веројатно и последниот во дресот на Аргентина. За него ова е посебен меч, ќе се обиде да дојде до второто Светско првенство и да стави крај на сите дебати околу тоа кој е најдобриот фудбалер на сите времиња.
Шпанците бавно го почнаа Светското првенство, со изненадувачко реми против Зеленортските Острови, но како одминуваше Мундијалот, нивната форма одеше во нагорна линија, а најдоброто го покажаа во полуфиналето против Франција.
Аргентина иако имаше лесен пат до полуфиналето, секој меч од нокаут фазата го минуваа тесно, без разлика кој им беше противник. Но, во полуфиналето против Англија блеснаа во сиот свој сјај и потсетија кој е шампионот.
„Да се игра во финале е привилегија. Веднаш би потпишал секојпат да играме финале, дури и да загубам. Нашата цел е да победиме, но пред сè ќе уживаме во овој момент. Имаме голема почит кон Аргентина, тоа е фантастична селекција со импресивни резултати. Очекувам вистински спектакл“, рече селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте.
Лионел Скалони вели дека добро ја анализирале Шпанија и знае како треба да одиграат.
„Ги разгледавме сите можни сценарија и добро знаеме како играат. Ќе се обидеме да го наметнеме нашиот стил и да ги нападнеме во сегментите каде што сметаме дека се ранливи. Тие сè градат преку поседот на топката, а во тој поглед сме доста слични. Постојат одредени разлики, но суштината на играта е иста. Се надевам дека ќе гледаме одличен фудбал“, порача Скалони.
Финалето почнува од 21 часот, на полувремето ќе има и музичко шоу како дел од целиот свечен ден на Мундијалот.