Легендата на Манчестер јунајтед, Пол Сколс смета дека без многу размислување Бруно Фернандеш треба да биде продаден доколку Саудиска Арабија на маса стави 100 милиони фунти.
Саудиска Арабија силно притисна за ангажман на Бруно Фернандеш, се шпекулира дека на играчот му е понуден богат тригодишен договор вреден и до 200 милиони фунти, додека пак за Манчестер јунајтед се предвидени 100 милиони евра во форма на обесштетување.
Бруно Фернандеш е капитен на „ѓаволите“ и еден од најдобрите во составот, но Пол Сколс смета дека парите се предобри за Манчестер јунајтед да каже НЕ.
„Се зборува за зделка од 100 милиони фунти и Манчестер јунајтед едноставно не може да каже НЕ на ваква сума. Знам дека играше брилијантно и на грб го носеше тимот, но која му е точната позиција на теренот? Го гледате како број 10? Или пак го гледате како заден играч за врска? Некако ми делува дека Бруно го збунува целиот систем бидејќи нема една единствена позиција за него. Немојте да ме сфатите погрешно, тој е брилијантен, но кога некој ќе ви понуди 100 милиони фунти за него, веднаш ги прифаќате“ – вели легендата на клубот од Олд Трафорд.
На оваа тема попладнево говореше и тренерот Рубен Аморим.
Запрашан дали натпреварот во Хонг Конг е последен за Бруно Фернандеш во Манчестер јунајтед, тој рече: „Мислам дека не е, но не се знае што ќе се случи, никој не знае. Гледа какви потези влечеме, промените што сакаме да ги направиме, и мислам дека сака да остане“.
„Кога зборувам со него, имам чувство дека сака да остане. На многу натпревари оваа сезона покажуваше фрустрации, но знае што сакаме да направиме и што ќе направиме. Од разговорите со него, чувствувам дека сака да остане“.
Запрашан дали Манчестер јунајтед е во позиција да одбие 100 милиони евра, тој додаде: „Секако, секогаш може да заработиме пари на друг начин“.