42-годишниот Здравков е наследник на Илчо Ѓорѓиоски на кормилото на Брегалница, тој потпиша договор со трајност до крајот на сезоната.
„Се одлучивме довербата да го предводи тимот да ја дадеме на едно од најголемите имиња на штипскиот фудбал како начин токму и во својот дом, во клупската средина од која потекнува, Горан Здравков да започне и успешна тренерска кариера. Брегалница продолжува по својот пат на изградба на клуб кој долги години ќе биде сериозен македонски прволигаш, поставувајќи нормативи за начин на функционирање на тимот. Во таа насока е и овој избор за нов шеф на стручен штаб“ – истакнува првиот човек на Брегалница, Кирил Гогов.
Здравков кој во играчката кариера го носеше дресот на Брегалница, е задоволен што се враќа во штипскиот клуб.
„За мене е огромна честа и задоволството што повторно сум во својот клуб, во мојата Брегалница. Среќен сум што ја добив довербата од сопственикот на клубот, господинот Кирил Гогов, на кого искрено му благодарам, свесен дека да се предводи тимот на Брегалница секогаш носи огромна одговорност. Но, пред нас е сериозен предизвик верувам со успешни идни денови на задоволство на големиот број наши навивачи“, вели Здравков.
Како прв асистент на Здравков во стручниот штаб во клубот доаѓа и Ане Темелков, поранешен член на стручниот штаб на велешки Борец. Дел од стручниот штаб како кондициски тренер останува Лазар Илиев, како и Љупче Колев кој останува тренер на голманите.